Овошните сокови и ракот, по најново

Додека луѓе „се убиваат“ од лупење, цедење, гмечење и давање пари за разно-разни соковници, нова студија тврди дека пиењето на само 100 милилитри безалкохолен пијалок дневно, па дури и тоа да е „здрав“ 100%-тен овошен џус, го зголемува ризикот од рак.

Анализата извршена на повеќе од 100.000 возрасни лица на просечна возраст од 42 години, чии прехранбени навики биле следени од 2009-2017, открила прилично силни корелации помеѓу пијалокот богат со шеќери и ракот воопшто, а посебно со ракот на дојка, на простата и ракот на дебелото црево. Тоа секако не значи дека самите пијалаци предизвикуваат рак, туку дека кај голем број луѓе е статистички регистрирана зголемена склоност кон консумирање вакви пијалаци и истовремено присуство на рак (или негова појава во текот на истражуваниот период).

Додека претходни кампањи за јавно здравје се фокусираа главно на ризиците од газираните пијалоци, новите наоди објавени во Британското медицинско списание велат дека додека третина конзерва Кока кола или сличен пијалок е поврзан со 18% поголема шанса за некои ракови, а 22% за рак на дојка, истото важи и за таканаречените „природни“ и дополнително незасладени сокови, бидејќи и тие содржат големо количество шеќер. А тоа, според студијата, може да претставува закана не само по килограмите, туку и по здравјето воопшто.

Истражувањето е дел од поширока акција за испитување на врските помеѓу исхраната и здравјето на голема популација во Франција, но е прво кое изнаоѓа поврзаност помеѓу слатките пијалоци и ракот. Предвид се земени 97 пијалоци и 12 вештачки засладени пијачки, а помеѓу нив газирани, спортски пијалоци, сирупи и чисти овошни сокови. До сега во контекст на шанси за заболување од рак постојано беа спомнувани вештачки засладените пијалоци, но истражувањето не ја докажало ваквата врска кога се тие во прашање. Во испитување на примерокот, освен возраста и полот, предвид биле земени и голем број други елементи: количество внесени калории во текот на денот, внес на шеќери од други прехранбени извори освен од сокови, внес на овошје и зеленчук кој не е преработен во сок, физичка активност, пушење, семејна историја на рак, ниво на образование, претходни здравствени нарушувања и (за рак на дојка) претходни користења на хормонски терапии или на контрацептиви.

„Податоците ја поддржуваат релевантноста на постоечките прехранбени препораки за ограничување на потрошувачката на засладените пијалоци, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ и 100%-те цедени сокови, како и економски мерки како оданочување и маркетинг ограничувања кои се однесуваат на засладените пијалоци“, напишале авторите во заклучокот.

Ние од денес сме на вода. И она другото кое се додава во неа за да се добие беванда.

За стариот Роналдо немаше лош терен и лоши услови за игра

Не можеле да ја дијагностицираат додека не ѝ ги виделе цртежите

Минав реши две децении со ментални проблеми, затворана во разни психијатриски болници каде што докторите меѓусебе се расправаа што е тоа што не чини кај мене. Добивав безброј конфликти дијагнози кои ги додавав во колекцијата.  Таа постојано растеше, јас постојано се чувствував неслушната и неразбрана.

Додека бев згрижена во болница во Кембриџ, почнав да го сликам она што го чувствувам. Беше хаотично но и катарзично. Пробував да ги интерпретирам моите болки и измачувања, создавајќи матни и апстрактни авто-портрети. Се чинеше како да постои некаква метафизичка транзиција од болеста кон сликањето. Никогаш не бев добра во прецизно цртање објекти и луѓе но овие дела беа директно и прецизно изразување на болеста. Ме ослободуваа, ми даваа глас.

Меѓу другото, имав тактилни халуцинации. Се чувствував како да имам бодликава жица околу вратот, како да сум давена. Го нацртав тоа. Му ги дадов цртежите на еден лекар и тој се согласи со тимот сериозно да ги разгледаат и анализираат. Не од естетска туку од медицинска страна. На тој начин, лекарската екипа успеа да постигне согласност околу мојата конечна формална дијагноза: шизоафективно пореметување. Ми препишаа прецизна и соодветна терапија која ми помогна. Дел од терапијата ми е и да продолжам да цртам што секојдневно го правев. Тоа ми го смени животот.

Во меѓувреме, докторирав на Кембриџ на тема како уметноста може да има дијагностичка и медицинска вредност. Моето опоравување преку уметноста беше суштина на моите тези. Морав да се опоравам за да ги докажам тезите и да го комплетирам докторатот.

Конечно успеав. Сега сум добра и среќна, со сосема нов живот кој го имам создадено. И натаму сликам секој ден, и тоа ми прави голем ќеиф.

Лорна Колинс, за Гардијан

На Твитер: @sensinglorna

Д-Фестивал оваа година со Tigo Challenge зона

Првиот во низата е претстојниот Д Фестивал кој се одржува викендов на плажите на Дојранското езеро, каде во текот на трите фестивалски дена, во кампусот на фестивалот ќе биде поставена т.н „Tigo Challenge зона“, каде покрај простор за релаксирање, одморање и дружење, за посетителите ќе бидат понудени и дополнителни активности. Во виолетовата Тиго зона, присутните од водителот на настанот Гораст Цветковски ќе бидат предизвикани да се докажат во некоја од индивидуалните игри, а највештите ќе бидат наградени со уникатни изненадувања.

„Партнерството со Пасворд Продакшн и Тиго Фајнанс дојде сосема спонтано и природно, а како заедничка вредност го идентификувавме единственото искуство што го обезбедуваат обата бренда. Со оваа активност, Тиго Фајнанс ги искажува своите искрени намери и поддршка за создавање и одржување квалитетни содржини за младите луѓе во доменот на музичката уметност и културата. Сигурни сме дека, почнувајќи со Д Фестивал викендов, фестивалите ќе ги имаат своите најдобри изданија досега.“ изјави Филип Димитровски, Извршен директор на Тиго Фајнанс.

Годинешниот, деветти по ред Д фестивал, ќе се одржи од 12-ти до 14-ти јули и најавени се повеќе од 50 македонски и странски музички изведувачи. Се издвојува со својот музички профил како и уникатен open-air концепт. Пасворд Продакшн своето реноме низ годините го изгради како издавачка куќа и музички промотор која ги организира најавтентичните музичко-сценски настани и најголемите музички фестивали кај нас и која важи за најактивниот промотор на македонските, но и регионалните, музички уметници на интернационалната сцена.

Повеќе информации за Тиго Фајнанс се достпани на веб страницата www.tigo.mk

(Комерцијален текст)

Наскоро ќе снема темјан. Боже мој.

Христијанското свештенство се соочува со неочекуван предизвик околу едно од нивните основни средства за работа. Како механичари да останат без уље или бербери без крем за бричење, тие наскоро ќе се соочат со оскудација на темјан кој денес галантно го пафтаат, небаре вечно ќе им трае.

Темјанот се добива од млечната смола на дрвата Босвелиа кои главно ги има меѓу дивите дрвја на Африка и Индија. Се засекуваат, смолата се собира и се суши по што се добиваат златножолти кристали кои лесно се палат и го даваат оној карактеристичен мирис. Или пак се користат во козметиката, како елемент во некои ароматични композиции.

Научници мапирале 21.000 босвелиа дрвја на 23 различни локации во источна Африка, ја процениле нивната старост и други карактеристики и изготвиле компјутерски модел за нивната иднина. Моделот предвидува дека ако сегашниот тренд продолжи, бројот на дрвјата од кои се добива темјан ќе биде преполовен за 20 години.

Боже мој, ќе пафтаат со ќумур.

Девојката што ги удри темелите на Ултимејт фризби во Македонија

Во 1968-ма година студенти од Њу Џерси развиваат спорт по име Ултимејт Фризби. Во 2012-та во цел САД го играат 5 и кусур милиони играчи. Најјаката лига во светот ја имаат тие, а владеат и на светските првенства.

Кај нас историјата на овој спорт стартува со Андријана и Борјан кои разбрале за него пред пет години. Не им требало многу време да се инфицираат затоа што по природа се спортски души и ете ги после толку кус период составија екипа, па дури и беа домаќини на првиот меѓународен натпревар во Македонија.

Овие амбициозни дечки пред две години го формирале клубот Фалконс Пилотс – Скопје кој на 30 јуни го пречека поискусниот Шопски Одред од Софија. Натпревар на кој е скроз небитен резултатот, туку стартот на една нова спортска ера во Македонија со тимски спорт полн со елементи од најпопуларните спортови.

Ултимејт е безконтактен тимски спорт со 175гр. летечки диск (фризби) кој се игра на сите континенти. Од 2015-та година е дел од Меѓународната Олимписка Организација и од 2028-та се очекува да биде дел од Олимписките игри. Ова е спорт во простор, каде се избегнува физички контакт, со многу трчање и скокање.

Андријана раскажува опширно и сликовито, полна е со знаење, како да го игра и следи 20 години. Среќна е што ќе ја запознаеме јавноста со нивната главна пасија која целта им е да ја развијат што повеќе, а ние задоволни што ќе промовираме нешто скроз ново кое не сме знаеле дека се игра кај нас.

Од каде идејата за формирање на клуб во Ултимејт фризби и кога стартувавте?

Јас и Борјан Герасимовски (другиот коосновач на клубот) за овој спорт прв пат разбравме кон крајот на 2014 год. Претходно ние само фрлавме фризби и бевме заинтересирани за т.н. Trick Shots, така што првото запознавање со Ultimate ни беше преку YouTube и Brodie Smith и Dude Perfect. Почнавме да вежбаме одредени фрлања, набавивме дискови, но вистинско затрескување во овој спорт ни се случи кога прв пат игравме натпревар во Ултимејт некаде година дена подоцна. 2015-та беше годината кога WFDF (World Flying Disc Federation) беше примена во International Olympic Committee (IOC). На почетокот на 2016-та ја отворивме Фејсбук страната и веќе го ширевме спортот најпрво меѓу нашите пријатели спортисти, играјќи често низ парковите во градот. Така бевме повикани да држиме работилници во неколку средни училишта и организации во соработка со American Corner, а бевме дел и од обуката за тренери на 10 Million Discs. Да споменам дека во овој период ние бевме само фризби ентузијасти кои се занимаваат со други спортови. Јас со мечување, Борјан со велосипедизам, нашите другари со алпинизам, кошарка, атлетика.

Во август 2016-та во Демир Капија на иницијатива на тамошната младинска организација со наша помош беше организиран првиот Фризби фестивал. Тогаш прв пат почнаа муабети за клубови, натпревари и слично. А во октомври 2016-та, со многу скромна (недоволна за натпревари) бројка од 6 души отидовме во Софија да го проследиме турнирот Disc of Peace. Тоа искуство, нè мотивираше да продолжиме да го развиваме овој спорт, иако (многу тешко и бавно) дел од тогашните играчи се преселија или прекинаа, мене и Борјан нè однесе на Светското првенство во Ултимејт на плажа во Франција 2017 и по враќањето од таму, немавме колебање, едноставно сакавме да имаме тим кој ќе се развива и натпреварува на повисоко ниво. Така што нашиот тим активно функционира 2 години, а во последнава година благодарение на уште неколку работилници и соработката со Извидничкиот одред ПСИО се придодадоа нови играчи со кои се формира моменталниот ростер. Нормално постојано сме во потрага по нови и нови играчи 🙂

Може ли да ни ги објасните правилата?

Ова се основните правила на Ултимејт:

1. Поен се постигнува кога ќе се фати диск во противничката Енд зона
2. Со диск во рака не смее да се трча
3. Нападот има 10 секунди да го фрли дискот
4. Секое некомплетирано фрлање значи промена на нападот
5. Ултимејт е безконтактен спорт, во кој нема судии, а играчите се водат според Spirit of the Game при решавањето за сите прекршоци на самиот терен

*7 vs 7 на трева е основниот формат на Ултимејт и се игра на терен со димензии 100х37м, но се игра и на плажа (5 на 5) и indoor.

** Ние сме Ултимејт тим, но постојат и други спортови со летечки диск (фризби) според WFDF: Freestyle, Guts, Disc Golf, DDC и уште некои други.

До кој спорт е најблиску и по што се разликува од другите екипни спортови?

Креаторите на овој спорт сакале да ги инкорпорираат најдобрите елементи од повеќе спортови. Теренот е налик на теренот за американски фудбал, начинот на игра и делумно одбраната е како кошарка без тапкање, идејните решенија и просторното размислување се како европскиот фудбал, бројот на играчи и дел од движењата со рака доаѓаат од ракометот, во одбраната има елементи од одбојка, положбата на телото при основните фрлања (forehand и backhand) пак е слична како во тенис. Впрочем и затоа спортот како врвна комбинација го добил името ultimate (врвен, краен).

Но не можам да кажам дека е сличен на било кој од овие спортови. Првенствено заради различниот лет на дискот и инаквиот поим за подавање (pass). Потоа при фаќањето, за разлика од спортовите со топка, нема амортизација, туку целосна екстензија на телото. Следно, не е дозволен физички контакт (како и во други спортови) и нема судии. Играчите ги решаваат сите спорни ситуации на терен и сносат одговорност за тоа (во Ултимејт немало ни една тепачка). Нема картони, исклучувања, пенали, казни. Ако не се согласат играчите, дискот се враќа на претходната позиција и ниеден тим не се доведува во никаква предност. По секој натпревар двата тима се собираат и си се обраќаат еден на друг со почит и желба за подобрување. По секој натпревар двата тима се оценуваат еден со друг со оценки по 5-те категории на The Spirit of the Game (Познавање на правилата, комуникација, фер плеј-правичност, избегнување на непотребен физички контакт и уживање во играта). На секој турнир во секоја дивизија се доделува наградата за Спирит и таа има поголема вредност од првото место. И за крај, ова е единствениот тимски спорт каде постои дивизија mixed (мешано) каде минимум 3 играчи на теренот мора да се од еден, а другите од другиот пол.

Каде и колку редовно тренирате и каков терен ви е потребен?

На почетокот баравме поголеми тревни површини низ градските паркови, сега кога порасна бројот на играчи, ги користиме неколкуте отворени стадиони во Скопје. Тренираме најмалку еднаш неделно и плус еднаш неделно се собираме полабаво само за фрлање, а очекуваме и секој поединечно да работи на својата фитнес форма. Во зима имаме потреба од затворен простор за тренинг (заради студот).

Неодамна бевте домаќини на првиот меѓународен натпревар на кој гостуваше екипа од Бугарија. Како ви помина ова искуство?

Да, за нас како тим ова беше одлично, неопходно искуство, би рекла. Нашата екипа со значителен успех претходно играше на еден турнир за екипи почетници, но тоа беше 5 на 5 (што значи и помал терен, малку помалку трчање, помалку стратегија). Шопски Одред е екипа која постои 9 години и имаат доста искусни играчи. Кај нас допатуваа по учеството на еден многу квалитетен турнир во Германија со скратен состав од 9 играчи колку што бевме и ние.

Во овој состав на гостинската екипа имаше 4-5 играчи кои имаат значителен број на натпревари зад нив и играат на високо ниво. Инаку во игра 7 на 7 тимовите играат со во просек 14 играчи (бројот на замени не е ограничен но тие може да се прават само по завршување на поен или при повреда).

Јас и Борјан добро ги познаваме Шопски бидејќи често сме играле заедно со нив како pick up играчи, но за остатокот од нашата екипа ова беше едно сосема ново искуство, пак ќе кажам, многу значајно, затоа што се подготвуваме за турнир и треба да бидеме свесни за своите слабости, ние сме нова екипа која ќе треба да работи напорно. Иако во однос на темпото со кое новите играчи се развиваат и се вклучуваат во тимскиот концепт за игра, добиваме комплименти и секако горди сме на тоа. Резултатот на семафорот не беше во наша полза (што беше за очекување), но дефинитивно сме во позитива по настанот. 30-мината кои беа дел од публиката имаа одлични реакции и се надеваме дека гласот за Ултимејт ќе се шири. И од друга страна ова беше полезно за нас, бидејќи видовме што значи од организациски аспект ваков евент во логистичка и домаќинска смисла.

Сите сме фрлале фризби на плажа како деца, ама како и за колку време се стигнува до нивото кое го имате вие како екипа? Треба да си талент или бара многу тренирање?

Сè во животот бара време, репетиција, воигрување. Но најбитна е желбата и способноста за адаптација. Се вели дека има 80-100 начини за исфрлување на дискот. Во Ултимејт ви требаат минимум 7. Така што основно што треба да се научи на почетокот е техниката на фрлање и фаќање, читање на дискот (бидејќи траекторијата на движење на дискот и топката се сосема различни работи). Потоа треба да се работи на самото трчање и отворање во простор и секако офанзивните и дефанзивните стратегии. Најтешкиот дел (ова сега го зборувам како тренер) е да се дојде до лесна тимска динамика, комуникација, посветеност. Но се’ се постигнува со тренинг. Сите ние во некој момент сме биле почетници. За клубот е добро да има играчи на различни нивоа. Во Ултимејт секој играч е важен и секој играч може да биде клучен. Еден играч сам, не може да направи поен. Ги охрабруваме сите, независно од возраста, полот, нивото на физичка спремност да дојдат да пробаат.

Каков е статусот на овој спорт кај нас и има ли перспектива да се развие?

Секој „нов“ спорт кај нас треба да се бори за некаков статус. За мене тоа е смешно, да мора да имате лига за да имате федерација, а да мора да имате федерација за да имате клубови и лига. Универзитетски спортови не постојат (па ни училишни), да не зборувам за втора, трета, ветерански лиги. За среќа во нашиот спорт постои одредена отвореност кога се бара учество на интернационални турнири. Сепак ние сме во директна комуникација со претставници на WFDF, тие се во тек со нашите активности и ја имаме нивната поддршка. Она на што ние работиме е да создадеме база од минимум 20 активни играчи со натпреварувачко искуство, пред да се реализира таа идеја после која би требало да побараме прием во МОК (Македонскиот Олимписки Комитет) како што оваа година тоа го направи Hrvatski Flying Disk Savez. Во моментов имаме 10 активни, редовни играчи и неколку нови потенцијали. Најмладиот член има 15 год и веќе има освоено признание на турнирот кој го спомнав. За неговата генерација Олимпијадата во 2028-та може и да биде остварлив сон.

Кој од нашиот регион е најдобар во Ултимејт фризби и до кое ниво се таму?

Тука се наметнува прашањето, што е наш регион? WFDF има 96 full members national federations. Од Балканот тука се Унгарија, Романија, Словенија и Хрватска. 21 земја се членки без право на глас од причини слични на нашата. Србија и Бугарија од неодамна се приклучија на таа листа. Така што од Европа, заостануваме само ние 5 земјички од Балканот. Словенија и Хрватска предничат во овој регион затоа што кај нив универзитетските спортови се на едно друго ниво. Но ако зборуваме за клупски ултимејт, ситуацијата не е иста. За најблиски сериозни лиги, клубови и играчки кадар може да зборуваме во земји како Словачка, Чешка, Италија. Во Европа предничат Велика Британија, Франција и Германија но, Русија, Скандинавците, Италија, Шпанија, Ирска се исто така одлични. Само за споредба во В. Британија има над 3000 клубови, Во Франција има 3 лиги и Ултимејт е дел од Училишната програма (но ова се земји во кои Национална стратегија за спорт е навистина национална стратегија за спорт). Во светски рамки се знае, САД се неприкосновени, но Колумбија, Јапонија а и други азиски и јужно-американски земји се во подем, така што картите се отворени.

Викенд турнири се најчестата форма на организирани натпревари во Ултимејт. Зборуваме за Европа и Азија. На нив во два дена екипите играат во зависност од квалитетот на турнирот од 6 до 8 натпревари. Еден натпревар 7 на 7 се игра до 15 поени (или на време, околу 1 час). Така што тоа е многу трчање и скокање за мал временски период на кое не секој може да се навикне лесно.

Во САД постои професионална лига AUDL , непрофесионални лиги но и универзитетската лига е многу квалитетна. ЕСПН веќе има пренесувано натпревари. Многу професионални спортисти во САД како и јавни личности се големи поддржувачи на овој спорт. Таму Ултимејт се промовира на тој начин што се играат 15 минутни натпревари за време на полувреме од некој голем меч во Американски Фудбал. На овој начин публиката е веќе запознаена со спортот кога прв пат ќе го види на ТВ. Во Европа, во моментов актуелно е формирањето на првата Европска про лига. Под закрила на WFDF и BULA се организираат Светски, континентални собири кои се неверојатно квалитетни.

И за крај, морам ова. Огромно Благодарам до Сез, Троја, Ердинч, Симон, Кузе, Даме и Алекс. Легенди сте!

Гостувањето на Фалкон Пилотс во Софија

Првиот меѓународен натпревар во Македонија во Ултимејт фризби одигран на 30 јуни 2019-та во Скопје меѓу Фалкон Пилотс и Шопски Одред.

[video:https://youtu.be/dzgwUznJucs]