„ПРИКАЗНАТА НА О“ од Полин Реаже

„Приказната на О” е еротски роман, објавен во 1954 под псевдонимот Полин Реаже. Една жена под име „О” е доведена во замокот Роаси каде добива детална обука за тоа како да ги задоволи мажите – припадници на елитна група. Рене, нејзиниот прв љубовник, во знак на великодушност, по успешно завршениот курс ја предава на Сер Стивен, кој стои повисоко во хиерархијата на доминантните господа. Целта, меѓу другото, е таа да научи да му служи некому кого не го сака. Но О со текот на времето се заљубува во Сер Стивен, а и тој во неа. При крајот на книгата таа се согласува да биде жигосана и да носи пирс на срамните усни со неговите иницијали, па и да умре за него.

Иако само една година по објавувањето книгата добила престижна книжевна награда, француските власти го тужеле издавачот за ‘бесрамност’, и успеале да издејствуваат забрана за нејзино јавно промовирање. Вистинскиот идентитет на авторката е обелоденет дури 40 години по првото објавување, во интервју за Њујоркер каде Полин Реаже, односно Доминик Ори, сега бабичка со сива коса на свои 86 години, го открива вистинскиот мотив зад нејзиното контроверзно дело. Книгата, вели таа, била замислена како љубовно писмо до Жан Полан, француски писател, литературен критичар и нејзин љубовник, кој бил обожавател на Маркиз де Сад. „Жена не може да пишува како Сад”, ѝ рекол еднаш, и таа решила да му покаже..Полан бил импресиониран, напишал вовед во кој се прави дека не знае кој е авторот, и го понудил за објавување. Останатото е историја.

Најголемите реакции по објавувањето на книгата дошле од феминистичкиот табор – „О” нема свој идентитет, тоа дури не е ни име, повеќе симбол на некакво дупче (orifice) или објект. Романот е читан како глорификација на понижувањето на жената, на нејзиното ултимативно подјармување. Но колку и да изгледа неверојатно на прв поглед, „Приказната на О” е навистина љубовна. Колку понижување трпи оној кој длабоко сака? Што е физичката болка во однос на болката која ја предизвикува отфрлањето? Што сме подготовени да сториме само да бидеме сакани? Доминик Ори, инаку уредничка во познатата издавачка куќа Галимар, преведувачка и добитник на бројни награди меѓу кои и француската Легија на честа, веројатно за нејзиниот љубовник не била (само) сексуален објект. Но зошто па зошто и паметната жена да не може да биде нечиј мрачен предмет на желбата, особено ако тоа е нејзин избор? Човек некогаш едноставно сака да припаѓа, без оглед на цената. Полан никогаш не се развел од неговата (втора) жена. А Полин Реаже, алијас Доминик Ори, четириесет години го криела својот идентитет, и нивната љубов.

Во 2005 е снимен документарец во продукцијата на Цајтгајст под наслов „Авторката на О”, во кој се појавуваат вистинските ликови поврзани со приказната. Книгата била неколку пати екранизирана, иако филмските адаптации не ја доживеале нејзината слава. Во 1975 Жерар Дамјано познат по „Длабоко грло” и „Ѓаволот во госпоѓица Џонс” го направил „Приказната на Џоана”, комбинирајќи ги мотивите од „Приказна за О” и Сартровата „Без излез”. Истата година книгата е адаптирана за стрип од италијанскиот уметник Гвидо Крепакс. И токму тука лежи причината зошто книгава ви ја препорачуваме токму сега: минатиот месец од печат излезе ново, луксузно издание на таа графичката новела, со тврди корици обложени со црно платно и златни букви. Оваа ‘позлатена’ О ќе биде нејзиното прво комплетно, независно издание на англиски јазик.

„Приказната за О” ја добив како подарок за еден роденден. Мојата е без илустрации. Но, како што реков, има нешто и во зборовите…

„КОГА МАЖОТ ЈА САКА ЖЕНАТА – емоционална и сексуална писменост за модерниот маж“ од Клод Стајнер

Се сеќавате на оние дебелèи книги од југословенско време со многу фотографии, „Сам свој мајстор„ и „Уради сам”? Додека нашите претци гледале сè да прават заедно, не само затоа што е полесно некој да ти ја придржува шајката дур ја ковеш, туку и за да имаш со кого притоа да пиеш пиво, за ‘модерниот’ човек стана битно с да може да прави сам. Независен во стругањето паркет, но и сосема автономен во донесувањето животни одлуки и решавањето проблеми, дури и кога е суверено неодлучен, или крајно самоуверен во тоа дека не може да ги реши.

Можеби затоа никогаш не сум ги сакала книгите за таканаречена ‘самопомош’: ако бараш помош, макар и во форма на книга, тогаш технички не си, и не сакаш да бидеш сам. Во оние напишани по сите тертипи на бестселер од ваков тип, авторитативниот ‘докторски’ тон е заменет со оној на пријателски совет – никој не сака да биде подучуван, ама на сите понекогаш ни треба некој да ни ги објасни работите к’о на петгодишно дете. Напишани во квази-научен стил, илустрирани со дијаграми и поткрепени со статистика, што би требало да асоцира на авторитет, но истовремено не и премногу интелектуални, ваквите книги сепак најмногу му помагаат на нивниот автор. Да се збогати.

„Кога мажот ја сака жената” сепак не е ‘петпарачка’ како што тоа можеби изгледа на прв поглед. Напишана е врз основа на принципите на таканаречената „трансакциона анализа”, хибрид помеѓу психологијата и психотерапијата, кој се обидува односите помеѓу луѓето да ги сведе на еден многу едноставен модел. Имено вие, исто како и вашиот соговорник, во одредена ситуација може да се наоѓате во една од следниве ‘его состојби’ – да бидете родител, дете или возрасен. Односот возрасен-возрасен се промовира како најпродуктивен, бидејќи подразбира објективност, разумност и логичко расудување.

Клод Стајнер, ученик на основачот на трансакционата анализа Ерик Берн, познат по Games that People Play од 1964, се обидува овој модел да го примени на машко – женските односи. И повторно би можеле да бидеме резервирани, да не е еден мал, но битен момент: во ерата на пост-феминизмот, кога веќе не се знае ни кој родово пие ни кој родово плаќа, на мажите (или барем на некои од нив) изгледа им е потребен ‘прирачник’ од ваков тип. Иако сигурно и неолитскиот човек се чудел зошто жена му м’рчи, на западниот маж од дваесет и првиот па ич ништо не му е јасно. Од него се очекува да биде „и сух и дебео”, и стереотипно машки самоуверен, но и речиси мајчински нежен, да знае да пресече ама да биде и толерантен, да ракува со огнено оружје ама по потреба и да плете…И како после да не бидеш збунет?

Стајнер го дијагностицира проблемот и нуди решение, обидувајќи се да ги „описмени” модерните мажи во емоционална и сексуална смисла, така за тие да им се приближат на нивните сега веќе описменети и еманципирани невести, љубовници и жени, а притоа сепак да останат и возрасни, и машки. Навистина малубројни се ваквите проблематизирања на незавидната положба на мажите во современата култура, кои како да станаа оние ‘подјармените’ и ‘маргинализираните’. Тоа е уште една, и можеби главната причина, зошто оваа книга заслужува почит.

Долго време индоктринирана со социо-биолошка литература, станав посклона да им верувам на споредбите и советите за човечкото однесување кои предвид ги земаат не (толку) другите луѓе, туку патките, шимпанзата или некое г’ну. Но кога мажот ја сака жената, особено својата..Тука ми запира секоја иронија.

„БЕЛИОТ ТИГАР“ од Аравинд Адига

Повеќемина кои ја посетиле Индија реагираат слично. Со пренадразнети сетила, но во недостаток на зборови, ве упатуваат на други референци за да ви ја доловат таа неповторлива атмосфера. Без оглед на мотивите на патувањето, едно е сигурно – од Индија никој не се вратил рамнодушен. Големи гужви, полуголи деца кои ве тегнат за ракав, маларични комарци, свети крави и презачинета храна. И среде сето тоа млади, пицнати индијски бизнисмени, кои во паралелниот свет на новата Индија ја минуваат улицата како да се среде Брисел.

Колку стереотипи има за оваа земја? Ниту еден, како да вели Адига – сè е жива вистина. Или барем така му изгледа на еден Индиец, роден во Мадрас во 1974, но растен во Австралија и школуван на Колумбија и на Оксфорд. Ако сте забележале и на нашите ‘иселеници’ – интелектуалци честопати им се случува истото. Повеќето никогаш не престануваат да ја сакаат својата земја, но стануваат речиси гневни кога зборуваат за неа. И нè обвинуваат нас, закрепостените, кои сме само цинични но се уште не и доволно лути, дека сме виновни за она што не (ни) чини. Отприлика така звучи и описот на Индија на Адига – безмилосно. Оттаму не е ни чудно што иако се стекна со светска слава откако ја доби Букеровата награда минатата година за овој инаку негов прв (да, прв роман), во Индија не го сакаат. И нас не ни чинеше раскантаниот автобус во „Пред дождот”…

„Белиот тигар” може да се чита на повеќе нивоа. Првото – никому ништо: трилер-акција во кој еден слуга го убива својот господар за потоа да стане сличен нему. Второто – класична бајка: херојот, лик од маргините на општеството, мора да мине низ голготата на Темнината, за низ тој обред на премин, кој вклучува убиство на ‘чудовиштето’, да стигне до неговиот нов статус, до светлината на велеградот. Трето – политичко-економски манифест, трактат за колонијализмот и односите Исток-Запад, дури и пророштво за тоа каде оди Индија и земјите слични на неа. Четврто…
Како и да го свртите, страниците на книгава се вртат самите. Од неа ве заплиснува мирисот на шафранот, чадот од гатовите крај Инд, звуците на ‘ооом’ помешани со извиците на возачите на рикшите. И некоја силна волја за живот: „Белиот човек се има потрошено со користење мобилни телефони и дрога, иднината на светот е кај жолтите и црните”, вели Адига. Како посебен вид, Балканци, можеби ќе се провлечеме…

„Смртта на Бани Манро“ од Ник Кејв

Неговата прва книга, King Ink, збирка песни и драми излезе во 1988 (следена од King Ink II во 1997), а во 1989 го објави првиот роман „И магарето го виде ангелот” (And the Ass Saw the Angel). Човекот има напишано и предговор на Евангелието по Марко, во серијата поединечни изданија на библиски евангелија на Canongate, секое со вовед од некој познат ‘деец’.

Бани Манро, ликот од новиот роман на Кејв, е Англичанец, патувачки трговец, кој продавајќи некакви сомнителни лосиони задоволува козметички и други потреби на жените на кои наидува, влегувајќи во разни сплетки. По самоубиството на неговата сопруга тој мора да се грижи за деветгодишниот син, и сакал-нејќел го зема и него на долгите патувања, откривајќи му ги триковите на трговијата и животот. Навидум ништо особено, да не е раскажано со оној мрачен хумор карактеристичен за Кејв – „спојте ги Кафка и Бени Хил на плажата на Брајтон и ќе ја добиете оваа книга, компулсивно четиво кое ги содржи брендовските карактеристики на Кејв – хоророт и хуманоста”, вели Ирвин Велш, авторот на (книгата) Трејнспотинг.

Кејв сега ги подгрева страстите опишувајќи го ликот кој самиот го создал: инспириран од Валери Соланас (радикалната феминистка која се обиде да го убие Ворхол), тој вели дека Бани е онаков каков што таа го опишала просечниот маж во нејзинот SCUM Manifesto: „мажот е комлетно егоцентричен, заробен во себе, неспособен за емпатија или љубов, пријателство, приврзаност или нежност..тој е полумртов труп кој не може ниту да даде ниту да прими задоволство или среќа”. Но, истовремено, за него Бани е – мил!

Пишувана на рака, во тетратка, за време на шестнеделната турнеја низ Европа и Америка, оваа книга има и свое аудио издание – сет од дури седум цедиња. Да ја читате книгава, ај и така и така, ама да слушате како Кејв ви ја чита, па уште и придружена со психоделична музика, е тоа е веќе нешто..Тука за извадок од третото поглавје – сам себе се читал, со австралиски акцент:)

[video:http://www.youtube.com/watch?v=K9D7_6ceRpM width:465]

Уживајте!

„Бранови“ oд Вирџинија Вулф

Меланхолично е, но никако патетично. Женско, но не и млако. Наречено „експериментално”, ова е според многумина ремек-дело на модерната европска литература. Не очекувајте класичен заплет, ниту цврста структура – повеќе калеидоскоп на внатрешни доживувања на шестте главни личности, чии испреплетени животи се следат од детството до средовечната возраст. Како и самата Вулф, која според современата дијагностика страдала од би-поларно нарушување (видете во втората сезона на д-р Хаус..), и нејзиниот роман балансира меѓу двете острици на убавината – онаа на смеата и радоста, и онаа на стравот и болката. „Жената мора да има пари и сопствена соба за да може да пишува”, вели Вулф. Нејзиниот читател пак треба да има: столче на расклопување, и ментална даска подготвена за авантура – сурфање по нејзините бранови.

Издавачот доделува награда – бесплатен примерок – на оној кој ќе испрати фотографија која најдобро ја доловува атмосферата на овој роман (на неа не мора да има бранови..). Испраќајте ги на chitajte@gmail.com, во пристојна (не премала, не преголема) резолуција. Резултатите ќе бидат објавени при следното полнење на полицата.