/  Bookbox  /  Читанка

„БЕЛЕШКИ НА ЕДНА АНА“ од Момо Капор

Кога ја читав Белешки на една Ана имав осумнаесет, исто како и таа. Ги шпартав улиците во широка сукња и маица без ракави, како цело Скопје да е мое. Знаев како мириса Водно на изгрејсонце, и колку е слатко да се преспие до залез. Го запознав на 8ми март, а потоа го чекав да се […]

Кога ја читав Белешки на една Ана имав осумнаесет, исто како и таа. Ги шпартав улиците во широка сукња и маица без ракави, како цело Скопје да е мое. Знаев како мириса Водно на изгрејсонце, и колку е слатко да се преспие до залез. Го запознав на 8ми март, а потоа го чекав да се врати од војска – уште ги чувам писмата пишувани на рака испратени од една братска, автономна покраина. Шеесет и кусур кила смешни идеи, вицови, секс, кожа, коски и дупчиња на образите, прочитани книги, спиење на левата страна, сонување во дрвени боички и плачење на тажни филмови. А во главата…

Веста за смртта на Капор ја одбележаа речиси сите екс-југословенски медиуми, иако со различен тон. Едните, вбројувајќи го меѓу најдобрите балкански писатели, со почит и топлина ги наведуваат неговите најпознати дела – Фолиранти, Провинцијалец, Уна – со кои растеа бројни генерации, потсетувајќи и на неговиот огромен сликарски и новинарски опус. Други пак во прв план го ставаат неговиот подоцнежен политички ангажман за време на војната во Босна, кога тој отворено се стави на „браникот на татковината”, промовирајќи ја идејата за создавање на Република Српска. Поврзувајќи го турбо православието со популарната литература, тој според вторите успеа да стане „националистички трендсетер”, и истовремено најтиражен српски воен автор.

Во тоа како е можно некој толку начитан и луциден, кој при крајот на животот изјавува дека во животот бил сè освен лезбејка, истовремено да го споредува Караџиќ со Солженјицин и Бродски, овој пат нема да навлегуваме. Да замислиме дека е се уште 1980-и-некоја, дека нашите се прибираат од работа во три и пол и го исклучуваат единствениот телефон за да спијат, дека возиме Застава која никогаш не пали од прва, дека одиме на одмор на наше море, на кино во Вардар 1 или во Карпош, во Дом на млади и по најголемата магла. Дека се радуваме на новите корнети во Малага (оние потврдите, како бисквита) ко сега децата што се радуваат на нов Ајпод, дека кога велиме „тој беше тука” и „го видов” не мислиме на зеленото знакче за „онлајн” на Фејсбук, дека животот е едноставен, а луѓето добри. Да го замислиме сето тоа, затоа што навистина било така, или затоа што ние мислиме дека било. Не постои југо-носталгија. Постои само жал по нашата младост.

Во прилог извадок од „Белешките на една Ана” онаква каква што ја читавме, во оригинал, со игривите цртежи на Капор. Ме зачуди што и девојки многу помлади од мене ја имаат читано и се идентификуваат со палавата Ана, која лиже сладолед во нејзината широка сукња шпартајќи ги белградските улици, го сака Фокнер и спие на левата страна, сонувајќи во боички. А во главата…

„И еве сега Чарли, после сите војни, победи и порази, предавање на клучеви, земјотреси, поплави, чуми и колери, крунисувања, некакви си загубени и добиени битки, освојување на ова или на она, после човечката нога на Месечината, кревање и спуштање на знамиња, кукање и џумбуси, топовски салви и интонирања на химни, после сето тоа, Чарли, јас му приоѓам на човекот со количка, и му велам, му велам после сè што се случи:

‘Ве молам еден ѓеврек, ама да биде реш!’“

Еј, не ти кажав..

Речник

Најчитани