/  Bookbox  /  Гледанка

„Го викав Морган“ (Нетфликс, 2018)

На 18 години почнал да свири со Биг Бенд-от на Дизи Гилеспи, често за свои години безобразно наметнувајќи се со својот музички стил. Свирел на легендарниот албум „Блу трејн“ на Џон Колтрејн од 1957. Бил дел од супер-групата „Џез месинџерс“, предводена од тапанарот Арт Блеки, која се смета за креатор и најголем промотор на поджанрот […]

На 18 години почнал да свири со Биг Бенд-от на Дизи Гилеспи, често за свои години безобразно наметнувајќи се со својот музички стил. Свирел на легендарниот албум „Блу трејн“ на Џон Колтрејн од 1957. Бил дел од супер-групата „Џез месинџерс“, предводена од тапанарот Арт Блеки, која се смета за креатор и најголем промотор на поджанрот „хард боп“. Снимил 25 албуми за легендарната дискографска куќа Блу ноут.

Во документарецот посветен на животот, но особено на околностите кои довеле до смртта на Ли Морган, ги слушаме спомените и исказите на голем број музичари кои работеле со него, до почетокот на 1960-тите, кога поради хероин станал толку нестабилен што престанале да го ангажираат.

Тогаш се појавува таа – Хелен, жена која по турбулентен живот се скрасила во Њујорк, во стан близу најбитните џез клубови, во кој ги собирала често сиромашните музичари за да им зготви и да ги нагости. Во 1967 пред зграда го забележала премрзнатиот Ли кој за дрога во тој период знаел да си ги продаде и капутот и чевлите. 13 години постара од него, таа го примила кај себе како дете, станувајќи му и љубовница, и болничарка и менаџерка. Ли набргу буквално се крева на нозе, и на задоволство на колегите и вљубениците во џезот повторно почнува да свири.

Приказната за нивната љубов која завршува трагично не би била регистрирана доколку во 2013 еден наставник и џез ди-џеј од Северна Каролина не сфатил дека во неговиот клас за образование на возрасни е токму Хелен Морган (тогаш на 70 години. Зел стар диктафон и ја забележал нејзината приказна, само неколку месеци пред да почине. Џезерски варирана во различни правци, таа главно се одвива низ фотографии, интервјуа, но и 8 милиметарски филмски снимки на снежни навеви, кои полека се претвораат во бура.

Точно така се распостила и приказната за Ли и Хелен – спокојно и романтично, до моментот кога Ли почнува да не се враќа дома по цели ноќи заради друга жена. На 19 февруари, среде снежно невреме, Хелен влегува во Слаг салун каде знае дека таа вечер настапува Ли, со пиштол во чантата и по кратка расправија пука во него. Тој умира на лице место, на само 33 години.

Веројатно најдобриот опис на чувството кое го остава филмот е оној на еден од колегите на Ли кој бил на само неколку чекори од него кога се случило пукањето. „Бев гневен на Хелен, вриев од лутина. Но ми се појави и некое сочувство. Тоа беше жената која го извади од калта. Буквално.“

Убав документарец за необични и силни карактери, но и за радостите и тагите на тој некогаш проклет музичарски живот.

Lee Morgan – The Gigolo

Речник

Најчитани