ЛГБТ во САД победија, само уште активистите да го дознаат тоа

На настан организиран од страна на Националниот ЛГБТ таск форс во Вашингтон, опишан како „најзначајна конференција за раководење и градење вештини за социјална правда на ЛГБТ движењето“ коментаторот на Атлантик се соочил со необични теми. „Слонот во чекалница: љубовта кон самиот себе, здравјето и прифаќањето на квир дебелината“ бил насловот на една од работилниците. „Колонијата […]

На настан организиран од страна на Националниот ЛГБТ таск форс во Вашингтон, опишан како „најзначајна конференција за раководење и градење вештини за социјална правда на ЛГБТ движењето“ коментаторот на Атлантик се соочил со необични теми. „Слонот во чекалница: љубовта кон самиот себе, здравјето и прифаќањето на квир дебелината“ бил насловот на една од работилниците. „Колонијата и пост-ураганската политика“ била темата на друга. А најзагадочна за собир посветен на политичките интереси на луѓе дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација била дискусијата едноставно насловена како – „Асексуалци“.

Америка според него станува пост-геј земја. Некогаш припадниците на геј заедницата беа под удар на полицијата како криминални субверзивци, беа прикажувани во популарната култура како девијантни ликови, а од страна на медицинскиот естаблишмент беа третирани како ментално болни. Но во моментов во поголемиот дел на САД гледиштата околу хомосексуалноста се прилично благонаклони. Пред само 30 години 57% од Американците сметале дека консензуалниот геј секс треба да биде забранет со закон. Денес на национално ниво е постигнато право за истополов брак, геј луѓето можат отворено да служат војска, а повеќето геј луѓе живеат во држави кои ги заштитуваат од дискриминација. Отворено геј маж води сериозна кампања за претседател , а неговата хомосексуалност се смета за тотално неважна, па дури и за предност која го двои од толпата против-кандидати. Според истражувања, 70% од Американците велат дека хомосексуалноста треба да биде прифатена, и тоа е највисока бројка на сите времиња

Секако, ваквата отвореност не се однесува на целата земја. За голем број геј и лезбејки „излегувањето од плакарот“ сè уште подразбира ризик од семејно отуѓување, губење пријатели, па дури и насилство. Хомосексуалците и понатаму се соочуваат со повисоки стапки на депресија во однос на хетеросексуалците, а геј тинејџерите почесто посегнуваат по своите животи во однос на нивните стрејт врсници.

Но трендовите несомнено се движат во вистинската насока. Откако геј заедницата почна политички да се организира во 1950-тите – со тајни состаноци, користејќи псевдоними и под постојан надзор на ФБИ – движењето за легална рамноправност и општествена прифатеност напредуваше побргу отколку кое било друго во американската историја. Некои од организациите, откако ги постигнаа своите цели, се распуштија, како на пример Freedom to Marry која по одлуката на Врховниот суд од 2015 според кој истополовиот брак се смета за уставно право прогласи победа и ги прекина активностите. Подоцна истата година организација под име Empire State Pride Agenda, главната за геј-права во државата Њујорк, објави дека по 25 години работа ќе затвори. Следеше распуштање на голем број федерални и државни организации посветени на истата тема.

Но доколку се следи дискурсот на голем број активисти за геј права се добива впечаток дека и покрај евидентниот напредок, тие не се подготвени да признаат дека успеале. Всушност, кога ги слушаш, како нештата да станале уште полоши. „За геј луѓето, најлошото допрва доаѓа. Повторно“ – вака гласеше насловот на песимистичкиот уреднички коментар на легендарниот геј активист и драматург Лери Крамер објавен во Тајмс пред една година.

Зад ваквото мрачно расположение стојат изборите од 2016, кога Доналд Трамп ја градеше својата кампања врз омраза на различни малцински групи. Но геј заедницата (за чудо) не беше меѓу неговите непријатели. Во текст за Њујорк Тајмс објавен во март 2019 Саманта Ален, која се идентификува како „квир трансродова жена“ го опишува својот пат низ „црвените“ држави на САД, и вели дека благодарејќи на локалниот напредок „никогаш немало толку добро време да се биде ЛГБТ како денес“.

Но американските невладини или не се информирани или намерно ја извртуваат приказната, фаќајќи се за саркастични, но споредни коментари на Трамп за „злите педери“ како за официјална реторика. Тие се служат и со сомнителни статистички докази со кои ги аргументираат своите катастрофични изјави. Така Националната коалиција за анти-насилни програми објави извештај кој тврди дека постои зголемување од дури 86% во однос на „насилства од омраза поврзани со убиства на ЛГБТ поединци“ и тоа само во периодот од 2016-2017.

Но подетален увид во извештаите покажува дека толкувањата не се секогаш исправни. На пример не е јасно колкав број од убиствата се навистина мотивирани од анти-геј чувства, а во неколку случаи полицијата експлицитно навела дека трагичните настани не ги припишува на таква омраза. Користењето на вакви податоци за да се инсистира на „огромно покачување на анти-ЛГБТ насилство откако е Трамп на власт“, како што прават некои невладини кога се обидуваат да добијат грантови и финансиска поддршка, е неодговорно.

И не е само до невладините. Хистеријата околу наводната американска хомофобија ја подгрева и дел од академската заедница. На почетокот на оваа година едно академско списание тивко повлече студија направена од професор на Унвиерзитетот Колумбија која требало да покаже дека живеењето во области со високо ниво на антигеј сентимент го намалува животнито век на геј луѓето за десетина години. Причините за повлекувањето е што резултатите од текстот, објавен во 2014 и од тогаш цитиран 141 пат во други академски публикации, не биле реплицирани од втора студија, спроведена врз истиот истражуван примерок, во 2016.

Приказната за трансродовите Американци од друга страна е малку поинаква. Нивниот напредок со доаѓањето на Трамп е закочен, откако администрацијата го забрани служењето војска за трансродовите лица и изврши уште некои административни промени кои не го вклучуваат родовиот идентитет во федералните регулативи за антидискриминација. И иако ова се две различни работи чие мешање предизвикува контроверзи и во рамки на самата геј заедница, ситуацијата со трансродовите лица е доказот кој се наведува која се претставува регресијата во однос на геј правата.

Во ситуација кога им снемува непријатели, голем број членови на геј заедницата се свртуваат едни против други. Помеѓу големиот број „квир“ типови, белите геј мажи станаа еуфемизам за сето светско зло. Се погласни стануваат и анти-ционистичките активисти кои на конференции ги напаѓаат еврејските делегати и Израел, единствената држава на Блискиот Исток која колку-толку го почитува достоинството на ЛГБТ луѓето.

Крајот на борбата за геј правата не значи и крај на хомофобијата. Сè додека геј тинејџерите се самоубиваат во стапки повисоки од нивните врсници, се додека на кој и да е геј човек му е ускратено работно место заради неговата сексуална ориентација, сè уште ќе има потреба од активизам, образование и други напори кон позитивна општествена промена. Но инаетливото држење до моменталните дискурси на геј движењето значи пролонгирање на културна војна која не мора да биде водена, бидејќи едната страна – геј страната – веќе има победено.

За да го разбере ова, просечниот американски активист за геј права можеби треба да помине некое време на места во светот каде е навистина опасно да се биде геј. Парите и ресурсите кои се трошат за тужење пекари и цвеќари (кои не сакале да изработат или достават некаков производ со геј конотација) можат да бидат многу подобро употребени за овие вистински борби за човечка слобода.

Во општество каде хетеросексуалноста е норма, чувството на отуѓеност е инхерентно на тоа да се биде геј, но токму него геј луѓето треба да имаат способност да го надминат. За оние кои од раѓање се соочуваат со некаков вид непријателство, понекогаш најтешкото нешто е да признаат дека победиле.

Речник

Најчитани

ЛГБТ во САД победија, само уште активистите да го дознаат тоа

На настан организиран од страна на Националниот ЛГБТ таск форс во Вашингтон, опишан како „најзначајна конференција за раководење и градење вештини за социјална правда на ЛГБТ движењето“ коментаторот на Атлантик се соочил со необични...