/  Off cafe

Какви поклони си купуваат милијардерите меѓу себе?

За разлика од несреќните семејства, богатите доаѓаат во секакви верзии. Обичниот свет можеби се замара со тоа каде ќе му живеат децата и како да стигнат до работа со расипана кола, но – колку си побогат, толку повеќе ресурси имаш за посветување на твоите лични интереси и хобија, без разлика дали имаш мерак на скапо виски, егзотични миленичиња или уривање влади. Затоа е и тешко да скроиш совршен подарок за богаташ.

Луѓето што се долго време богати, оние што растеле во богатство, или барем имале време да поуживаат во парите за разлика од новопечените богаташи, немаат потреба „да покажат” дека се богати. „Сметаат дека е ризично да се трошат пари,” вели Винстон Честерфилд, основач на фирма која советува брендови за маркетинг наменет за богатите. „Стануваат поцинични и пофокусирани на вредноста на парите.” Ваквиот тип на богати луѓе може да се дарежливи за добротворни цели, може да купат нешто за член на семејството кога и да им се побара, но нема да купат Рејнџ Ровери и со машни да им ги оставаат на децата за да ги најдат на Божиќ. „Луѓето што вредат стотици милиони долари не подаруваат полни соби Луи Витон и Шанел,” вели Честерфилд. „Едноставно не функционираат така.”

Со други зборови, можеш цела плата да ја потрошиш на некој привилегиран пријател и само ќе потврдиш колку си вон својата игра. Затоа што, и според еден британски магазин кој објави статија на темава во 2018-та, кај богатите, стварно е важна намерата:

Ништо не е подлабоко од подарување искуство: нешто што можете да го правите заедно, како прекуокеанско крстарење за драг пријател што се плаши од летање, или платени сесии со нивниот омилен личен тренер. За 50-ти роденден на некој драг човек, можеш да подариш 50 различни искуства во 50-те денови што треба да поминат до нивниот роденден. Па кога ќе дојде твојот роденден, тој пријател ќе се сети дека си му раскажувал дека, како тинејџер, те воодушевил некој готвач од Конот, па ќе го најде, и ќе го најми за да ви спреми вечера на тебе и уште шест пријатели.

(Без гајле што не знаеш што е Конот, и онака не можеш да си дозволиш да спиеш таму. Хотел е.)

Затоа, водичот за подароци на луксузното списание Роб Репорт вклучува главно искуства.

На пример, јавање со селебрити јавачка како Џесика Спрингстин, патување во Франција со правење сопствен коњак и годишна претплата од 49.000 долари за луксузни оброци.

Зошто се ваквите подароци толку добри? Затоа што му даваш на примачот начин квалитетно да го помине своето време, нешто што парите сè уште не можат да го купат. „Многу се свесни дека времето им тече,” вели Честерфилд за богатите. „Свесни се дека немаат неограничено време на земјата.”

И не се работи само за стравот од смртта, туку и за стравот од пропаѓање. Некои на пример јаделе, пиеле и се дрогирале цела младост, па сега се плашат од последиците. Ако се сончале со години по јахти, сега мислат на рак на кожа. Други се секираат околу деменција. Како и остатокот од светот, и богатите мислат на своето здравје. На далечни дестинации, се трошат 21 милијарда на здрави активности надвор од хотелите, од кои 9.6 милијарди ги троши тој еден процент.

А што ако по некоја случајност ете, имаш таков ултра-богат пријател и немаш пари за приватен авион, скапи анти-ејџинг креми или накит? Што можеш да му купиш?

Честерфилд вели: книга.

„Има една работа што на богатите никогаш нема да им биде доста, а тоа е знаење. Никогаш не можат сè да предвидат. Никогаш нема сè да добијат. Повеќе време имаат од другите луѓе за читање, за размислување, идеи, политика, наука и филозофија. Сè додека книгата не ги напаѓа нив и нивниот начин на живот, тој подарок ќе го вреднуваат и ќе го сметаат за мудар подарок. И ќе знаат да речат, ‘Ти благодарам за подарокот. Навистина уживав во читањето.’ И ќе биде искрено.”

Речник

Најчитани

Какви поклони си купуваат милијардерите меѓу себе?

За разлика од несреќните семејства, богатите доаѓаат во секакви верзии. Обичниот свет можеби се замара со тоа каде ќе му живеат децата и како да стигнат до работа со расипана кола, но – колку...