/  Bookbox  /  Читанка

„Оренда“ од Џозеф Бојден

Дали суровата уметност може да биде истовремено и убава? Дали историски роман кој зборува за премрежја во кои секако има победници и победени, виновни и за ништо истребени, може да одржи баланс помеѓу сите деликатно поставени ликови, така за и кога приказната ќе заврши да не сме гневни на едните, а некритички настроени кон другите? […]

Дали суровата уметност може да биде истовремено и убава? Дали историски роман кој зборува за премрежја во кои секако има победници и победени, виновни и за ништо истребени, може да одржи баланс помеѓу сите деликатно поставени ликови, така за и кога приказната ќе заврши да не сме гневни на едните, а некритички настроени кон другите?

Романот „Оренда“ на Џозеф Бојден покажува дека може. Во средина во која културата на „првите нации“ е тема која се следи со повишено внимание, при што не е дозволена ни најмала грешка или политичка некоректност, тој успева да напише три романи кои од историска, но и од современа перспектива, ги следат животите на членови на северно-американските племиња, и за нив да добие повеќе национални и меѓународни награди. Додуша, и ова не оди секогаш лесно – неговите тврдења, на пример, дека покрај ирско-шкотското потекло има и домородни северноамерикански корени, во 2017 предизвикаа бурна реакција во јавноста, која доведе до тоа да се бара ДНК тест или друг доказ за домородно потекло, кој би му дало кредибилитет, па дури и дозвола да пишува на овие теми.

Ова само покажува дека „Оренда“, последниот од трилогијата романи за семејството на хуронскиот воин Птица, може да се чита на најмалку два начина: како книга која има претензии да биде фикционализиран документ за настани од пред повеќе од четири векови, или како роман кој не е нужно врзан за конкретна географија и историја, туку за ликови чии стравови, надежи и судбини можат да бидат универзални.

Приказната е раскажана во монолошка форма од перспектива на три лика – спомнатиот Птица; девојчето Снежни Врнежи од племето Ирокези коешто тој го посвојува во замена за неговото убиено семејство; и Кристоф Чавката, језуитски мисионер кој очајно се обидува да ги покрсти „дивјаците“, ризикувајќи го притоа и сопствениот живот. И покрај тоа што се споредни, останатите ликови имаат не само живописни имиња (Мала Гуска, Носи Секира, Рани Мугри, Тој Наоѓа Села…) туку и заокружени карактери кои оневозможуваат колективна „урамниловка“ на членовите на племето. Тие го претставуваат како заедница на луѓе со различни табиети, но со една заедничка цел, да се преживее под ударот на непријателите.

А непријатели има многу – суровите соседни племиња, француските колонизатори кои се добри трговски партнери но превртливи сојузници, христијанските мисионери кои се извор на болести. Среде сите тие премрежја, ликовите мораат да излезат на крај со сопствените демони, и со комплицираните меѓучовечки односи во средина приморана да се однесува како да ќе нема утре. Во неа единствената потпора се племенските традиции и верувања, меѓу кои и она во „оренда“, невидлива магична моќ за која Ирокезите сметаат дека се наоѓа во суштината на сите живи и неживи нешта, што во западен клуч би можело да се толкува како „душа“. Успешното совладување на пленот или на непријателот оттаму значи натпревар на тоа чија оренда ќе биде појака.

Мистичниот свет на Хуроните се судира со верувањето во еден Бог и понизноста која тоа ја подразбира. Па сепак, заради заштитата која им ја нудат језуитските засолништа, и заради пристапот до „дрвото што светка“ (сребрените мускети) тие сепак завршуваат внатре манастирските ѕидини, обиколени со бруталните Ирокези, чии обреди на измачување на непријателот се толку детално опишани што на моменти чувствувате физички сензации во деловите од телото кои се сечени, горени, корнети и полевани со врела вода.

Книгата завршува тажно но сепак оптимистично – „трите сестри“, трите главни земјоделски посеви (тиквичка, пченка и грав) ќе продолжат да растат на земјата на Хуроните, иако нивниот број драстично ќе се намали, исто како и силата на нивната оренда. Предупредување кое неколку векови подоцна ќе излезе сосема точно.

Илина, Букбокс

превод на „Оренда“ македонски: Ѓурѓица Илиева
издавач: Антолог

Речник

Најчитани

„Оренда“ од Џозеф Бојден

Дали суровата уметност може да биде истовремено и убава? Дали историски роман кој зборува за премрежја во кои секако има победници и победени, виновни и за ништо истребени, може да одржи баланс помеѓу сите...