/  Bookbox  /  Читанка

ПОЕЗИЈА од Дон Ван Влиет (Кептен Бифхарт)

Да не беше Вејтс веројатно никогаш немаше да го заслушам Кептен Бифхарт. И покрај сета почит кон рокенрол ексцентриците, веројатно ќе го прескокнев, како претежок за моето ушно тапанче. По неговата смрт во 2010, музичките новинари се измачија да измислат метафора, споредба или словенска антитеза кои барем приближно би го опишале она што тој го […]

Да не беше Вејтс веројатно никогаш немаше да го заслушам Кептен Бифхарт. И покрај сета почит кон рокенрол ексцентриците, веројатно ќе го прескокнев, како претежок за моето ушно тапанче. По неговата смрт во 2010, музичките новинари се измачија да измислат метафора, споредба или словенска антитеза кои барем приближно би го опишале она што тој го правел. Делта блуз помешан со авангарден џез, современа класична музика, хард рок — дури и оние на кои неговата музика не им се допаѓа признаваат дека бил звучен визионер, чија екстремна фантазија и иконокластички однос кон сета уметност не можат да се врамат во тесните параметри на рок музиката.

Забележан уште на четиригодишна возраст заради неговиот вајарски талент, Дон Влиет (го додал тоа „ван” во 1964) со години настапувал во познато телевизиско шоу со неговите глинени животни. Кога имал 13 неговите родители ја одбиле стипендијата која му била понудена за да студира уметност во Европа, и го преселиле семејството во калифорниската пустина Мохаве, каде Вилет го сретнал Френк Запа, кој ќе му стане пријател, соработник и продуцент. Останатото е историја – следуваат периоди на формирање и расформирање групи, снимање крајно некомерцијални, и по некој конвенционален поп-блуз албум, сликање и вајање за да се преживее. За негов најзначаен албум се смета Trout Mask Replica (1969), прогласен за еден од најдобрите 500 на сите времиња според Ролинг Стоун, но опишан како „веројатно најбрилијантно тешкиот рок албум кој некогаш бил направен”. Стереотипот дека музиката на Вилет е езотерична, и дека ја разбираат само посветените и „интелектуалците”, е основа и на разни интернет заебанции. Ама факт, таква си е.

Во 1985 Бифхарт целосно се повлекува од музиката и со помош на њујоршкиот сликар и негов обожавател, Џулијан Шнабел, почнува да ги изложува неговите полуапстрактни, „примитивни” платна по американските и европските галерии. Во раните 1990-те покажува симптоми на мултиплекс склероза, по што со години е во инвалидска количка. Умира во декември 2010 од компликации од болеста. За негова последна снимка се смета онаа од 2003., на Stand for What you Stand On: A Benefit CD for Earthjustice, каде пее верзија на Happy Birthday (Happy Earthday). Снимката трае 34 секунди и е снимена по телефон.

Влијанието кое Бифхарт го има извршено врз генерации музичари е огромно. Но најинтересна ни се виде изјавата на Мет Гронинг (креаторот на Симпсонови), еден од неговите најголеми обожаватели. Кога прв пат го слушнал Trout Mask Replica на 15 години помислил дека тоа е најгрозното нешто кое некогаш го слушнал.

„Си реков, па тие не се ни трудат! Тоа е само несмасна какофонија. Потоа го преслушав уште неколку пати, затоа што не верував дека Френк Запа би можел да ми го стори тоа, а и затоа што дуплиот албум беше многу скап. По третиот пат, сфатив дека го прават тоа со намера — тие навистина сакале да биде таков. По шестиот или седмиот пат веќе помислив дека тоа е најдобриот албум кој некогаш сум го слушнал”.

До шесто или седмо слушање на Trout Mask не сум стигнала. Но до толку препрочитувања на неговата поезија — да. Ако неговата музика е „терсене” (не ми текнуваше подобар превод на edgy), неговата поезија знае да биде крајно лирична. Неа главно ја симнувавме од интернет, бидејќи книги поезија Ван Вилет има само две. Едната, Sceleton Breath, Scorpion Blush од 1991, со текст на англиски и германски, и илустрации од самиот автор, се продава на Амазон за неверојатни 690 долари! Втората, исто така со слики, и со само 93 страници, е поевтина, и кошта 150 долари…Одбрав три „еколошкo-мисловни” и стихови од една љубовна, од албумот Clear Spot (1973), илустрирани со негови слики. Се обидов да ги испочитувам ритамот и римата (онаму каде што ја имаше), но сепак преводот е слободен. Еден од советите на Бифхарт за свирење гитара е да музицирате до грмушка. Ако таа затрепери, добри сте. Истото треба да важи и за поезијата. Пробајте на глас да им ги читате песните на Бифхарт на палмите на кеј. Сигурно ќе занишаат со гранките..

Ја користиме оваа прилика да го честитаме 20. роденден на Канал 103, единственото наше радио на кое сум чула да се врти Бифхарт. Па сега, Спортско радио нека размисли..:)

БИ ТРЕБАЛО ДА ЗНАЕШ, СПОРЕД ЉУБЕЗНОСТА НА ЕДНО КУЧЕ

Би требало да знаеш,
според љубезноста на едно куче,
каков би требало да биде човекот.
Би требало да да го почувствуваш
влажното, тврдо срце на дрвото,
топчето смола испакнато како око на жаба.
Отвори го летот на речниот крвоток,
кој жубори и се бранува како фонтанче.
И слонот во неговото убаво кожно одело
иако е збрчкан, изгледа ептен кул.
И змијата е во форма
звецка како бебе кое носи дијаманти
подобра е од прст на благородна дама,
змијските канџи не се ништо поопасни
од нејзиниот бавен аристократски отров.
Змијата си игра на тревнатиот кревет
мајмунот никогаш нема вина кога мастурбира
мајмунот никогаш не сере на туѓото дело
а дебелиот човек* плаче во тек на сето создавање,
затоа што има фатено настинка.
Термометарот покажува сина нула за смрзнатите риби
Ескимот си ја носи качулката и си го гриза срцето
а убавиот сив кит ја полни запалката на некоја кучка.
Еден ден ќе имам пари и ќе си се врамам,
каква слика – на неа ќе сечам дрво.

* Веројатно се мисли на Fat Man, атомската бомба која била фрлена врз Нагасаки во 1945.

БОЖИЌНА ЧЕСТИТКА ОД ДОН ВАН ВИЛЕТ

Океанот
ми подари остриги
Луѓето кои го гледаа тоа
ми подарија чиреви.

Кога океанот е ранет
на цел свет
му е потребно исцелување.

КАФЕНА ЅВЕЗДА

Знам за една кафена ѕвезда
која ја имаат најдено само некои луѓе.
Со години ја барале наоколу,
многумина од нив гледајќи горе
малкумина гледајќи доле.
Така тие трагале на секој крај за тој мал сјај
кој ќе ги направи посреќни.
Некои барале брзо и го одминале,
некои барале бавно но не успеале.
Можете да прашате едно куче зошто е толку среќно,
што само мафта со опашката.
Но прашајте маж или жена дали виделе
кафена ѕвезда
некои ќе речат да, некои ќе речат не
некои само ќе се смеат, а некои само ќе руменеат
некои ќе речат зошто прашувате?
некои ќе речат зарем не знаете.
Потоа ќе има еден што ќе рече –
најдена е веќе!
Но прашајте некое дете и тоа само ќе скока од радост
викајќи – најдовме кафена ѕвезда
токму тука, на земјата.

МОЈАТА ГЛАВА МИ Е ЕДИНСТВЕН ДОМ ОСВЕН КОГА ВРНЕ

Ќе дозволам стапалките да ми бидат воз
премногу е далеку да пешачам до тебе
ако возот не оди во тој правец
ќе фатам авион или автобус
затоа што сум решен да те најдам
наскоро ќе ме видиш како сенка околу тебе
а мојата глава ми е единствен дом
освен кога врне.

Ги одам ливадите и долините
водени пустини ми се очиве додека те најдам
нема да спијам додека не те најдам
нема да јадам додека не те најдам
срцево нема да чука
додека не те прегрнам.

Моите раце се само две нешта на патот
додека не ги обвиткам околу тебе
ти можеш да ми ја развеселиш тажната песна
да го направиш лошиот свет подобар
те чувствувам таму како се движиш
ти си моја, знам дека ќе те најдам
а мојата глава ми е единствен дом
освен кога врне.

Мразам други луѓе да ми ја слушат песнава
ако стигне до тебе пред мене
следи ја до „те сакам”
таму ќе те најдам
а мојата глава ми е единствен дом
освен кога врне.

Превод И.Ј.

Речник

Најчитани

ПОЕЗИЈА од Дон Ван Влиет (Кептен Бифхарт)

Да не беше Вејтс веројатно никогаш немаше да го заслушам Кептен Бифхарт. И покрај сета почит кон рокенрол ексцентриците, веројатно ќе го прескокнев, како претежок за моето ушно тапанче. По неговата смрт во 2010,...