/  Bookbox  /  Bookbox статија

Пропаднатиот план за киднапирање и убиство на Хајзенберг

Научниците секогаш имале тајни, но тие никогаш не биле толку важни како во текот на Втората светска војна. Среде конструирањето на атомската бомба, лидерите на проектот Менхетен кренале паника кога сфатиле дека нацистичка Германија е многу понапред во истражувањето на нуклеарното вооружување во однос на сојузниците. Собрале јака екипа, и под кодното име Алсос мисија, […]

Научниците секогаш имале тајни, но тие никогаш не биле толку важни како во текот на Втората светска војна. Среде конструирањето на атомската бомба, лидерите на проектот Менхетен кренале паника кога сфатиле дека нацистичка Германија е многу понапред во истражувањето на нуклеарното вооружување во однос на сојузниците. Собрале јака екипа, и под кодното име Алсос мисија, ги испратиле да шпионираат, да саботираат, па дури и да убиваат членови на тн. „Ураниумски клуб“ – сите оние кои биле вклучени во нуклеарната програма на Германците.

За еден од најопасните физичари во таа смисла бил сметан Вернер Хајзенберг, кој не само што бил голем германски патриот, туку бил и лидер на спомнатиот клуб – германската верзија на проектот Менхетен за конструирање атомска бомба. Во 1944 долго дискутираниот план тој да биде киндапиран од страна на сојузниците требало конечно да се оствари.

Сојузничките шпиони го лоцирале во Германија, во Шварцвалд или Црната шума, име како излезено од бајките на браќата Грим. Војникот кој требало да ја води мисијата се викал Карл Ајфлер, опишан како „несомнено најјакиот лик во целата менажерија на ОSS (Office of Strategic Services), разузнавачката служба на САД и претходничка на ЦИА. „Сметајте се за криминалци“, ги советувал регрутите на обуките кои ги држел, „прекршете ги сите можни закони“. Бил висок метар и деведесет и со неговите 120 килограми бил често споредуван со гризли. Неговите хобија вклучувале пукање во барски чаши поставени на нечија глава во алкохолизирана состојба.

Ајфлер си ја заработил репутацијата уште во 1943, кога се борел против Јапонците во џунглите на Бурма. И покрај тоа што почнал со само десетина војници (меѓу кои и режисерот Џон Форд, кој снимил и неколку напади во живо), тој наскоро командувал со армија од 10.000 лути Бурманци и спровел една од најуспешните кампањи во текот на таа војна. Притоа биле убиени и ранети 15.000 Јапонци, споредено со само 85 убиени од бурманско-американската страна.

Што се однесува до киндапирањето на Хајзенберг, планот бил следен: Ајфлер да ја почне мисијата од Швајцарија каде ќе глуми американски царински службеник, кој сака да испита како неутралните земји се справуваат со граничната контрола во текот на војната. Потоа со десетина командоси тој требало да влезе во новата лабораторија на физичарот, лоцирана на некои осумдесетина километри од швајцарската граница, да го киднапира, и со авион, според првиот план, да го пренесе во Англија. Но шефовите на Ајфлер по ниту една цена не сакале замешување на Британците, па планот се сменил – Хајзенберг ќе го носат со авион над Медитеранот, од таму ќе се спуштат со падобран во водата, од каде ќе бидат преземени од американска подморница. Откачен план смислен од откачен човек. Дополнет со уште еден елемент – ако непријателот ги фател при изведувањето на акцијата, задача на Ајфлер била да го убие Хајзенберг и да спречи негово враќање во непријателски раце.

Но по првичниот договор, шефовите на Ајфлер малку се подзамислиле – им изгледал прилично лабилен за една таква суптилна и многу важна мисија. Го откачиле со тоа што му рекле дека проектот Менхетен толку напреднал што веќе немало потреба од киднапирање. Всушност, формирале нов тим, чии членови биле Пол Шерер со кодно име „Флејта“ (Флут), кој работел како физичар во престижниот Швајцарски федерален институт за технологија во Цирих (каде што студирал Ајнштајн), некогашен близок пријател на Хајзенберг, кому тој се уште му верувал. Она што тој вториов не го знаел е дека Флут ги известувал сојузниците за неговите движења, а како последица на неговата лутина, што некој кого го сметал за пријател и колега не истапил против германската агресија, туку напротив активно ја помагал.

Овој пат планот бил Флут да го покани Хајзенберг во Институтот во Цирих да одржи предавање (како што тоа веќе еднаш го направил), но овој пат во приказната да влетаат и други агенти и да го изведат киднапирањето. Меѓу нив и Семјуел Гудсмит, холандски физичар, но и вистинската ѕвезда на мисијата, поранешен прволигаш во бејзбол по име Мо Берг.

Берг бил најчудната личност која некогаш играла професионален бејзбол. Се запишал на Принстон на 16-годишна возраст, но веднаш по дипломирањето влегол во Бруклин Робинс (подоцна Доџерси). Играл за 15 големи клубови, но тоа не му пречело вон сезона да појде до Париз и да учи средовековен латински на Сорбона (да де, како повеќето бејзбол играчи). Зборувал десетина јазици, а читал и хиероглифи. Често со денови јадел само јаболки и сос од нив. Во 1930-тите се појавил на радио квиз шоу од типот на Милионер и во својот получасовен настап одоговорил на сите можни прашања. Продуцентите потоа добиле 24.000 писма од слушатели, а Берг станал селебрити.

Но тој бил и Евреин и пацифист, комбинација која го натерала да се бори против нацистите, со тоа што ќе шпионира за сојузниците. Киднапирањето на Хајзенберг во Швајцарија станала неговата најважна мисија.

Планот најпрвин одел мазно. Хајзенберг ја прифатил поканата за предавање на Флут за средина на декември. Но стапицата наскоро пропаднала. За да не биде сомнително, Флут го поканил и аристократот-физичар Карл фон Вајцекер да зборува во Цирих на 30 ноември. Вајцекер знаел дека посетата ќе биде контроверзна, со оглед на статусот на татко му, и така и испаднало – група студенти организирале протест, и за малку не избил бунт. Институтот морал да ги затвори вратите на предавалните, а Вајцекер се вратил потресен во Германија.

Кога слушнал за ова, Хајзенберг одредил строги услови за своето појавување – групата пред која ќе зборува морала да биде мала и составена исклучиво од физичари. Ова било огромен проблем за Берг, кој со својата бејзбол става никако не можел да се скрие. Дополнителен крах мисијата доживеала кога вториот агент – спомнатиот холандски физичар Семјуел Гудсмит, доживеал нервен слом, што значело дека Хајзенберг не можел веќе да биде испрашуван, туку можел единствено да биде убиен, и тоа на лице место, среде предавалната. И ова морал да го стори Берг, како знаел и умеел.

Предавањето се одржало на 18 декември, во присуство на 20 физичари и пар шпиони. Берг влегол во кочан студената предавална (Швајцарија и покрај неутралноста штедела на нафта), носејќи со себе наполнета берета. Седнал во вториот ред со тетратка и пенкало пред него. Всушност тоа била мапа на салата на која ги забележувал имињата на другите присутни. Во еден момент му го понудил својот капут на човекот кој седел пред него – фон Вајцекер, кој бил единствената придружба на Хајзенберг. По некое време конечно пред него го имал човекот за кого толку слушал, а кого требало да го убие. Според неговото кажување Хајзенберг делувал „ирски“, со преголема глава, црвеникава коса и ќелава точка на темето. Носел свадбен прстен, а неговите влакнести веѓи покривале две „морничави очи“.

Откако начкрабал пар формули на таблата, почнал да зборува, несвесен што му се подготвува. Планот бил беретата да биде употребена доколку тој открие, барем меѓу редови, дека атомската бомба е или завршена или на пат да биде комплетирана – нешто за што тој сигурно би се пофалил пред швајцарските колеги. Но наместо за бомба, тој почнал да дрдори нешто сосема теоретски и неразбирливо за едуцираниот Берг, кој сепак не бил физичар. Како и познатиот Хајзенбергов принцип на неодреденост, и нашиов јунак не можел точно да одреди, дали формулите на таблата имаат врска со фисијата и со бомбата или не. Другите во салата изгледале повеќе заинтересирани „да ја дискутираат математиката додека Рим гори“, како што напишал Берг во својата тетратка.

Ова мачење траело два и пол часа. На крајот на предавањето, убиецот уште се немал одлучено – да пука или не. Потоа групата се поделила на неколку помали, луѓето почнале необврзно да муабетат, а Берг ја искористил шансата со кодна реченица да му се претстави на Флут, кој го поканил на коктел во чест на гостинот подоцна.

Совршената шанса за убиство се случила по коктелот, кога Берг му се придружил на Хајзенберг за да го испрати дома. Со пиштолот во џеб, тој го преплавил физичарот со прашања, но овој бил само учтив и не одговарал директно на нив. На крај, неодреденоста победила: Берг едноставно не можел да го повлече чкрапалото. Двајцата се разделиле кај хотелот на Хајзенберг, а физичарот го напуштил Цирих следниот ден за да го мине Божик со семејството во Германија. Целта му била исполнета – од неутрална Швајцарија купил играчки за децата, помада и џемпер за сопругата. За да го намали криумчарењето, Германија забранила внес на одредени стоки од Швајцарија, па Хајзенберг морал да го облече џемперот за жена му под сакото на граница и да се преправа дека е негов. Веројатно до крајот на животот не бил свесен дека во Цирих смртта била прилично блиску.

Врз основа на „Бригада на копилињата: вистинска приказна за одметнатите научници и шпионите кои ја саботирале наци атомската бомба“ од Сем Кин (излезена 9 јуни 2019)

извор

Речник

Најчитани

Пропаднатиот план за киднапирање и убиство на Хајзенберг

Научниците секогаш имале тајни, но тие никогаш не биле толку важни како во текот на Втората светска војна. Среде конструирањето на атомската бомба, лидерите на проектот Менхетен кренале паника кога сфатиле дека нацистичка Германија...