/  Bookbox  /  Гледанка

Што е сè измислено во новиот „документарец“ на Скорсезе за Дилан?

Во 1975 Дилан собира група пријатели – Ален Гинзберг, Џоан Баез, Џони Мичел и куп други – и тргнува на турнеја под име „Ролинг тандер ривју“, која вклучува помали сали во исти такви американски градови, за музичарите да бидат „поблиску до народот“. Во текот на концертите и патувањата го снима четиричасовниот филм „Реналдо и Клара“ […]

Во 1975 Дилан собира група пријатели – Ален Гинзберг, Џоан Баез, Џони Мичел и куп други – и тргнува на турнеја под име „Ролинг тандер ривју“, која вклучува помали сали во исти такви американски градови, за музичарите да бидат „поблиску до народот“. Во текот на концертите и патувањата го снима четиричасовниот филм „Реналдо и Клара“ чиј сценарист е Сем Шепард, а кој по премиерата во 1978 доживува негативни критики и бргу е симнат од кино репертоарот.

Сепак, заради потребите на филмот целата турнеја е детално документирана, и во смисла на видео, и на аудио и печатени материјали. Тие сега се искористени за нешто што тешко може да се нарече „документарец“, и кој дури ни во насловот не претендира на таква жанровска определба. „Ролинг тандер ривју: приказната за Боб Дилан од Мартин Скорсезе“ е токму тоа, приказна, која ги пополнува празните места во нарацијата за спомнатата турнеја со што и да се нашло при рака, без секирации околу фактографија, па дури ни за убедливост. И не дека не сме предупредени за ова, уште на самиот почеток на филмот, со црно-бела вињета на магионичар кој покрива жена со ќебе за да направи да исчезне, за во следната сцена неа навистина да ја нема. Но резот помеѓу е прилично видлив, што значи дека магија всушност нема.

Така отприлика Скорсезе ја уништува идејата за документарност на сопствениот филм, силно потпомогнат од Дилан, кој во еден момент пред камера признава – „Ништо не се сеќавам за Ролинг тандер. Се случи толку одамна, не бев ни роден.“ Ова станува бланко дозвола за сечење, монтирање, лепење и…измислување.

Она што е сигурно точно е дека во таа 1975 група уметници меѓу кои Џоан Баез, Џони Мичел, Ти Боун Барнет, Пати Смит и други формираат нешто што повеќе личело на циркуска атракција отколку на денешен комерцијален концертен проект. Како „режисер“ на целиот снимен материјал од турнејата Скорсезе претставува извесен Стефан ван Дорп, кој се појавува „главом и брадом“, и меѓу другото изјавува дека Дилан го имитирал кога почнал да ја држи цигарата „во европски стил“ (помеѓу средниот и претпоследниот прст). Ама Ван Дорп не постои како таков, туку него во филмот на Скорсезе го глуми Мартин вон Хаселберг, маж на Бет Мидлер.

Втора многу поочигледна местенка е приказната на Шерон Стоун за тоа како се запознала со Дилан, кога имала 19 години и носела, на негов концерт, маица со бендот КИС. Откако си направиле муабет за јапонскиот кабуки театар и мачкањето на лицето со бело во таа традиција (нешто што го правел Дилан во тој период на сцена), Шерон наводно била поканета да се придружи на шоуто, ѝ пеглала кошули на Баез, додека Дилан и ја свирел Just Like a Woman на пијано велејќи и дека песната тогаш стара десет години тукушто ја напишал за неа.

Сето ова звучи интересно но тешко дека се случило – прво, никогаш немало концерт на Ролинг тандер во Пенсилванија, родниот град на Стоун. Второ, таа тогаш би имала 17, а не 19 како што тврди во филмот. И трето до овој „документарец“ ќе се слушнеше за нивната афера, ако навистина се случила.

Има уште измислени или полуизмислени ликови и настани, кои на крај човек веќе и не ги разликува. Џим Џианопулос, на пример, е прикажан како промотор на концертите и интервјуата со него заземаат голем дел од филмот. Но тој е извршен директор на Парамаунт пикчрс и немал никаква врска со турнејата. Зошто е во филмот останува мистерија. Креиран е и ликот на републиканецот Џек Танер, „голем фан“ на Дилан кој по совет на неговиот пријател, претседателот Џими Картер, оди на концерт и се воодушевува од музичарот кого републиканците го сметаат за нивен непријател. Всушност станува збор за актер кој глуми фиктивен лик во филмот „Танер 88“ на Роберт Алтман, „мокументарец“ за американските избори.

И што после сето ова за новиот филм на Скорсезе? Ништо посебно. Слушајте ја музиката, и слободно не обрнувајте внимание на зборувањето. И онака, дури и да е се точно, е тотално небитно.

Речник

Најчитани

Што е сè измислено во новиот „документарец“ на Скорсезе за Дилан?

Во 1975 Дилан собира група пријатели – Ален Гинзберг, Џоан Баез, Џони Мичел и куп други – и тргнува на турнеја под име „Ролинг тандер ривју“, која вклучува помали сали во исти такви американски...