/  Bookbox  /  Гледанка

„Темната страна на златото: американскиот гимнастички скандал“ (2019)

Мотото на вознемирувачкиот документарец за Мајкл Џексон, Leaving Neverland, беше: „Тежок да се гледа, потежок да се игнорира, невозможно да се заборави“. Во него главно стануваше збор за сексуална злоупотреба на две некогашни деца. Е овој е за повеќе од 200, злоупотребени од ист човек.

Има еден „кеч“ во документарците кои опишуваат некаква злоупотреба или злосторство – во погрешни раце тие може да излезат уште поперверзни од делата кои наводно ги осудуваат. Напумпано скандалозни дури и кога се вистинити, да служат повеќе за бизарен сеир отколку за некаква поука.

Ова не е еден од нив. Страшната приказна за докторот на националниот женски гимнастички тим на САД, Лери Насар, кој во текот на повеќедецениската работа ја користел својата позиција за сексуално да искористи стотици малолетни девојчиња и девојки, во филмот на Ерин Ли Кар е обработена без патетики, и без дополнителен сензационализам. Таа е истовремено спортска, педагошка, правна, медицинска, семејна и женска. Зборува за еден систем кој е толку корумпиран и „врзан“ во стандардната спрега пари-моќ, што на крајот именуваниот доктор, иако зликовец, не е единствениот за кој треба да оддекне судискиот чекан.

Од 1997 до 2016, кога Насар е прв пат обвинет за сексуална злоупотреба на дете од страна на поранешната гимнастичарка а сега адвокатка, Рејчел Дехоландер, имало луѓе кои многу добро знаеле што се случува на неговите терапевтски „сеанси“. Тие сеанси често се одвивале во подрумот на докторот, а вклучувале рачна вагинална пенетрација за која тој тврдел дека има медицинска цел, како и триење и мастурбирање пред девојчињата, при што некои од нив имале и само шест години. Станува збор за огромен број жртви – обвинението се однесува на најмалку 250 – кои со години минувале низ ова искуство, и ништо не кажале. И не само тоа. Ниту еден родител не се посомневал во неговите практики, и покрај тоа што голем број од нив присуствувале на прегледите и физио-терапиите, на кои, како што тврдат девојките тој иако повнимателно, сепак успевал да си го истера своето.

Првиот дел од документарецот открива една цела мрежа на соучесници, кои или тивко го толерирале она што се случувало, или активно потиснувале секој обид за начнување на темата. Меѓу инволвираните се тренери од националниот тим но и колеги од матичниот Универзитет Мичиген каде работел Насар, а судските процеси против некои од нив, како оној против претседателот на Американската гимнастичка асоцијација и ректорката на Мичигенскиот универзитет, се уште се во тек. Сите тие можеби би продолжиле да го поддржуваат Насар доколку по првата пријава кај него не се пронајдени над 37.000 (!) фотографии и видео материјали со педофилска содржина, меѓу кои веројатно и такви од неговите пациентки.

Вториот дел го прикажува судењето на Насар од 2018, низ колаж од интервјуа со жртвите и родителите, и нивните искази во судницата. На моменти ситуацијата излегува од контрола, па татко на дури три жртви во еден момент се обидува да го нападне Насар. Медиумите го покриваат судењето, што им дава сила и на други девојки да истапат јавно со своите искази поврзани со случајот. Како дел од процесот на донесување пресуда, одважната судијка им дава можност на жртвите јавно да му се обратат на својот некогашен доктор. „Судењето нема да заврши додека секоја од нив не добие шанса да се искаже“, вели таа. Најпрвин се пријавени 88 говорнички. По една недела бројката расте на над 160. Обвинетиот главно не реагира, освен еднаш, кога му се обраќа најстарата помеѓу неговите пациентки, која го познавала над 30 години и чии родители биле и семејни пријатели со него, сопругата и нивните три деца.

Она што е највпечатливо во целата работа е што до многу доцна во процесот голем број од девојките не сакале да поверуваат во вината на нивниот омилен доктор, во кого во текот на сите тие години на напорни тренинзи, престрог режим и војничка дисциплина, го гледале единствениот заштитник и пријател со „срце од злато“. Сите интервјуирани тврдат дека тој бил крајно шармантен и љубезен човек, кој покрај своите дневни обврски успевал да „помага на заедницата“ со држење верски часови или со учество во школски одбори. Оние помалите немале никакво сексуално искуство за да знаат дека она што им се случува претставува злоупотреба, а оние пак кои се осудиле да проговорат дека нешто им е сомнително биле осудени дури и од сопствените родители. Најтрогателен е исказот на една гимнастичарка, која вели дека заради оваа недоверба се отуѓила од родителите, но дека татко и, откако сфатил дека таа цело време ја зборувала вистината, не можејќи да ја поднесе сопствената вина, се самоубил.

Како еден од тригерите за јавно истапување на овие гимнастичарки се наведува движењето #МеТоо. Некои од нив продолжиле да се занимаваат со спорт, а други имаат деца гимнастичари за кои се надеваат дека нема никогаш да мораат да поминат низ истото за да добијат шанса за медал. Но и покрај 500-те милиони долари кои им ги исплатил Мичигенскиот универзитет и бројните награди за активизам кои ги добиле, овие жени не почувствувале големо олеснување кога излегле од судницата. Процесот на опоравување за нив е долг, но барем започнат. Насар е осуден на 60 години за поседување детска порнографија, и на 175 години за сексуално злоставување малолетници.

Останува прашањето – како можел да помине неказнет сето ова време?

Илина, Букбокс

Речник

Најчитани

„Темната страна на златото: американскиот гимнастички скандал“ (2019)

Мотото на вознемирувачкиот документарец за Мајкл Џексон, Leaving Neverland, беше: „Тежок да се гледа, потежок да се игнорира, невозможно да се заборави“. Во него главно стануваше збор за сексуална злоупотреба на две некогашни деца....