/  Bookbox  /  Читанка

„ТОЧКА НА ПРЕСВРТ: КАКО МАЛИТЕ НЕШТА МОЖАТ ДА НАПРАВАТ ГОЛЕМА РАЗЛИКА“ од Малком Гладвел

Но додека светот се занимаваше со кралски свадби, беатификации и анти-терористички акции, во неработниот мир на 1. мај, мене нешто друго ме мачеше. Канализационата шахта поставена сред коловозната лента на мојата улица од неодамна попушти, па секогаш кога врз неа ќе нагази автомобилска гума, во мојата спална одекнува како удар во гонг. Ненаспана и психички […]

Но додека светот се занимаваше со кралски свадби, беатификации и анти-терористички акции, во неработниот мир на 1. мај, мене нешто друго ме мачеше. Канализационата шахта поставена сред коловозната лента на мојата улица од неодамна попушти, па секогаш кога врз неа ќе нагази автомобилска гума, во мојата спална одекнува како удар во гонг. Ненаспана и психички растроена, по празниците почнав да вртам телефони кај надлежните институции. Засега пресвртот на мојата улица не се случил. А кога ќе го биде, веднаш ќе го прогласам за историски.

Малком Гладвел во неговата „Точка на пресврт” се занимава токму со ваквите „ситноразмерни” социјални настани, кои иако не се дел од историските читанки и алманаси, прават огромна разлика во креирањето ставови, диктирањето модни трендови и градењето политики. Кога мала група луѓе, намерно или сосема ирационално, почнува да се однесува различно од другите, тоа нејзино однесување може да ја зафати околината како епидемија, и да доведе до „точка на пресврт”, после која ништо (или барем едно значајно нешто) не е како порано.

Позајмувајќи го епидемиолошкиот модел на ширење на вирусите, и применувајќи го во социјален контекст, тој гради цела теорија на „вирални” општествени интеракции, кои според него се поттикнати и/или овозможени од три типови луѓе: Поврзувачи, Експерти и Продавачи. Поврзувачите се оние кои имаат широки познанства и добро пливаат во сите социјални кругови, Експертите се махери во една област и уживаат во споделувањето знаења и вештини, а Продавачите ги бива за убедување на се уште „непросветлените”. Се разбира, во идеален случај, сите овие карактеристики би можел да ги поседува и еден ист човек. Но токму тие се клучни за одредени идеи, производи или однесувања да се прошират и ја достигнат „точката на пресврт”, после која почнуваат да се „лепат”, и од нестандардни, неинтересни па дури и одбивни, да стануваат општо прифатени.

Секој кој има макар и минимални познавања од областа на меметиката, кај Гладвел ќе ја препознае идејата на Ричард Доукинс од неговата книга „Себичниот ген” (1976), според која мемите се основни градбени ќелии на нашите умови и култури, на истиот начин како што гените се основните градбени ќелии на нашиот биолошки живот. Меметиката, барем во времето на нејзиното основање, се обидела да ги преслика принципите на Дарвиновата еволуција врз културата и социјалниот живот: некои идеи се шират и опстојуваат затоа што содржат меми кои лесно ги препознаваме, кои во нас ги притискаат еволутивните „тастери” – такви се на пример оние кои имаат врска со храна, опасност и секс. Во 1991, во есејот „Вируси на умот” Доукинс прави чекор понатаму, споредувајќи го пропагирањето на одредени идеологии (особено на оние верските) со ширењето на вирусите. Иако поврзаноста на идеите во „Точка на пресврт” и оние на меметичарите е очигледна, во неа не е спомнат ни Доукинс, ни Денет, ни Хофштатер, ниту меметиката сама по себе. Тоа нам може да ни изгледа само чудно, но во науката се вика апла лажење.

Да речеме дека Гладвел и нема амбиција да се претстави како не-знам-ти-каков научник, и да добие Нобелова за поп-социологија. Да речеме и дека академските кругови му се намерачиле затоа што му завидуваат на славата и парите –разбирливо ако се знае дека за оваа, инаку негова прва книга, има добиено аванс од 1,5 милион долари, а пак таа за само пет години од нејзиното издавање се има продадено во 1,7 милиони копии. „Теоријата на Гладвел е здрав разум преправен во наука”, вели една од критиките на книгата во Њујорк Тајмс. Ширењето на епидемиите никако не може да се спореди со пропагирањето на идеи, бидејќи точката на пресврт во првиот случај има само квантитативни, но во вториот и квалитативни импликации. Конечно, за разлика од вирусите, луѓето имаат и свои табиети, кои се понекогаш имуни на какви и да е трендови. Освен поврзувачи, експерти и продавачи, особено меѓу нашиот народ, има и – инаетчии. Инаетот е најдобрата природна вакцина од идеолошки зарази.

Покрај сите критики на сметка на оригиналноста и издржаноста на неговата теорија, на Гладвел едно мора да му се признае – тој знае да пишува. Иако целта на приказните за неочекуваниот успех на брендот чевли Хаш Папис, начинот на кој почнала Американската револуција, ширењето на сифилисот во Балтимор, или тинејџерските самоубиства во Микронезија, е да бидат илустрација на главните поенти, тие се интересни сами по себе, како добро новинарство (Гладвел и е новинар, пишува за Њујоркер од 1996), и добра етнографија. Кога повеќето од оние кои се занимаваат со општествена теорија би ја имале таа дарба на ваков живописен начин да ги пренесат нивните уверувања, без да го сметаат тоа за површно и вулгарно, тогаш и науката би можела да дојде до точката на пресврт, и да стане популарна, интересна, и пред се’ корисна. Но ваквите научни вируси обично остануваат внатре лабораториските ѕидови, или пак мутираат во штетни, не популарни ами популистички трендови.

Наместо Поврзувачи, Експерти и Продавачи мене сепак во моментов ми е потребен еден обичен – Работник. Ослободен од секакви апстракни идеи за смислата на животот, во измастени комбинизонки и добро набилдан, тој со хебла ќе дојде под мојот прозорец, и ќе ми ја поправи шахтата. После оваа точка на пресврт, слободно може да се качи и на кафе.

Речник

Најчитани

„ТОЧКА НА ПРЕСВРТ: КАКО МАЛИТЕ НЕШТА МОЖАТ ДА НАПРАВАТ ГОЛЕМА РАЗЛИКА“ од Малком Гладвел

Но додека светот се занимаваше со кралски свадби, беатификации и анти-терористички акции, во неработниот мир на 1. мај, мене нешто друго ме мачеше. Канализационата шахта поставена сред коловозната лента на мојата улица од неодамна...