/  Bookbox  /  Читанка

„Урбани легенди“ од Васко Марковски

„Градовите се компактни поголеми населби, во кои жителите се занимаваат со секундарни и терцијарни дејности“. Дали во оваа енциклопедиска дефиниција може да се вгради мемливиот провев кој заплиснува под сводовите на мостот Гоце Делчев во октомври? Ѕвецкањето на прибор и жагорот од дворовите во Тафталиџе лете? Зуењето на чаршијата, тишината на сопрените ескалатори во ГТЦ […]

„Градовите се компактни поголеми населби, во кои жителите се занимаваат со секундарни и терцијарни дејности“.

Дали во оваа енциклопедиска дефиниција може да се вгради мемливиот провев кој заплиснува под сводовите на мостот Гоце Делчев во октомври? Ѕвецкањето на прибор и жагорот од дворовите во Тафталиџе лете? Зуењето на чаршијата, тишината на сопрените ескалатори во ГТЦ во неработен ден? И најмногу од сè, каде се во оваа дефиниција нејзините луѓе кои се впишале во неформалната урбана историја со нешто посебно, но и со ништо посебно, само затоа што биле живописни, луцидни, откачени, градски ликови, и поради кои некои од нас задоцнија со мислата за иселување?

Урбаната митологија се нарекува така, „митологија“, со добра причина. Не било сè така фино и забавно во овој град, дури и пред – како што ќе речат сегашните градските „инфлуенсери“ – да го навјасаат сељаци. Но нам, на средовечните, во книгата на Васко, која се занимава токму со луѓето и топонимите кои ја чинат, таа митологија ни изгледа многу реална и жива. Чајот во „Галерија 7“ со муралите на Ацо, Хинки и Пепси во позадина. Пивото во „Архус“ на Силва и Ѓоко. Вотката (40 динари) и гужвата пред „Лондонче“ на Картер. Луѓе кои си ги гледал на концерти, во кино, на театар, и кои уште ги гледаш ако не умреле или ако не се иселиле, а кои ги чувствуваш блиски иако можеби никогаш не сте прекршиле збор. Затоа што делите едно исто интимно знаење, за овој град во кој некогаш беше убаво да се живее.

Книгата содржи приказни за 50-тина урбани легенди, главно од Скопје, но и од Охрид, Струга, Битола. Тоа значи дека многу имиња недостасуваат, што е несовршеност која ја подразбираат ваквите избори. Текстовите се објавувани во некогашниот неделник Форум од 2010-2011 година, како редовна рубрика, а хронолошки опфаќаат период од педесетина години, од катастрофалниот земјотрес до денес. Приказните, раскажани преку животните стории и исказите на самите луѓе, но и на нивните пријатели и градски соборци, се со многу осет за архивската важност на запишаното, но и за човечката димензија, која остава простор за фантазија во секоја фактографија.

„Во градов веќе не се дише“, вели Марковски во интервју по повод излегувањето на книгата. И точно е, и метафорички, и буквално. Но она малку здив што остана го трошиме со оние околу нас кои понекогаш се поинтересни и – многу важно – подобри отколку што некогаш мислиме, заглавени во градската невротичност во која човек на човека му е загадувач. По педесет години можеби ќе излезе продолжение на оваа книга, за некои други скопски урбани легенди, кои во моментов растат на асфалтот. А тие, сигурно, имаат многу повеќе да научат од овие урбани ликови, отколку од некои нови, за кои да си градска фаца значи само дека можеш да се паркираш каде ќе ти текне.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 27 јануари во „Кино култура“ ро рамки на фестивалот „Арт Ареа 2“ во организација на „Бегемот“. Целата програма на фестивалот, кој почнува во петок на 25ти, тука

Илина, Букбокс

Речник

Најчитани

„Урбани легенди“ од Васко Марковски

„Градовите се компактни поголеми населби, во кои жителите се занимаваат со секундарни и терцијарни дејности“. Дали во оваа енциклопедиска дефиниција може да се вгради мемливиот провев кој заплиснува под сводовите на мостот Гоце Делчев...